Резолуцијата што ја усвои бугарскиот парламент за Македонија е навредлива и во самиот старт го оневозможува дијалогот, изјави денеска претседателката Гордана Сиљановска Давкова. Таа оцени дека ваквите документи го поткопуваат духот на Договорот за добрососедство и пријателство и не водат кон европски вредности.
„Ова е уште една во редицата слични резолуции и меморандуми. Со вакви постапки не се помага, туку се кочи процесот на зближување. Суштината на преамбулата во Договорот е да си помагаме со разбирање, не со уцени и негирања“, рече Сиљановска.
Таа очекува Европскиот парламент да ја поддржи Резолуцијата што го гарантира македонскиот јазик и идентитет. Во спротивно, според неа, тоа ќе биде силен удар за кредибилитетот и демократскиот капацитет на ЕУ.
„Шокантно е во 21 век да се поднесуваат амандмани кои негираат нечиј идентитет, особено од институција како Европскиот парламент. Ако не се почитуваат фундаменталните права и вредности, тогаш ЕУ нема иднина како заедница базирана на принципи, туку станува бирократска машинерија“, изјави таа.
Во однос на евентуална средба со бугарскиот претседател на претстојниот Самит на НАТО во Хаг, Сиљановска рече дека засега не може да потврди дали ќе се одржи.
Таа повторно апелираше клучните прашања да се решаваат со домашен консензус, а не преку избрзани потези на меѓународната сцена.






