Во Чешка денеска започна гласањето на долгоочекуваните дводневни парламентарни избори. Избирачките места ќе бидат отворени од 14:00 до 22:00 часот, а утре ќе се гласа до 14:00 часот.
Право на глас имаат повеќе од осум милиони граѓани.
Најновите анкети на јавното мислење предвидуваат предност за поранешниот премиер и лидер на десничарската популистичка партија АНО, Андреј Бабиш. Според истражувањето на агенцијата СТЕМ, неговата партија добива поддршка од 29,3 проценти од гласачите.
Конзервативниот блок Сполу („Заедно“) на актуелниот премиер Петр Фиала, според истата анкета, има 20,5 проценти.
За време на кампањата, коалицијата на Фиала се фокусираше на поддршката за Украина и на плановите за јакнење на чешката армија, под слоганот: „Гласајте за слобода! Гласајте за безбедност!“.
Бабиш, пак, ја нападна владата за, како што рече, „ширење паника“. „Не знам од која страна треба да дојдат руските тенкови“, изјави тој, повикувајќи на прекин на испораките на оружје за Киев.






