Од септември, Естонија тргнува по сосема поинаков пат од остатокот од Европа – наместо да ги забранува, таа ги охрабрува учениците да користат мобилни телефони и вештачка интелигенција во училиштата, со цел да го подобри квалитетот на образованието.
Како една од водечките земји според најновите резултати на Пиза – прва во Европа по математика, наука и креативно размислување, и втора по читање – Естонија ја гледа технологијата не како пречка, туку како алатка за успех.
„Знаеме дека многу земји се претпазливи, но нашите наставници се подготвени и заинтересирани да користат дигитални алатки“, изјави министерката за образование Кристина Калас на Светскиот образовен форум во Лондон.
Со новата иницијатива AI Leap, до 2027 година, 58.000 ученици и 5.000 наставници ќе добијат пристап до алатки за работа со вештачка интелигенција. Учениците ќе ги добиваат задачите преку АИ-системи, мобилните телефони ќе служат како наставни средства, а наставниците ќе бидат обучени за нивна интеграција во наставата.
Целта: Естонија да стане една од најпаметните нации во користењето на вештачката интелигенција во образованието.






