Старо, но сè уште опасно воено наследство изненади жител на Скопје во својот двор во Нов Дојран. На 24 јули 2025 година, околу 20:30 часот, во Полициското одделение Нов Дојран бил пријавен наод на експлозивна направа.
Ж.К. (65) од Скопје известил дека околу 17:30 часот, додека се наоѓал во дворот на својата викенд куќа, пронашол предмет што наликувал на граната. На местото веднаш била повикана стручна екипа.
Пиротехничар од Дирекцијата за заштита и спасување – Штип ја подигнал и ја анализирал експлозивната направа, по што било утврдено дека станува збор за неексплодирана граната со калибар 70 мм, која потекнува од времето на Првата светска војна.
Од надлежните служби апелираат граѓаните да не се обидуваат сами да ракуваат со сомнителни предмети, туку веднаш да ја известат полицијата.







