Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини објави повик за финансиска поддршка на ранливи потрошувачи на енергија, со цел олеснување на трошоците за електрична енергија. Субвенцијата, која изнесува 1.000 денари месечно, е наменета за домаќинства со деца со попреченост и згрижувачки семејства, а ќе се доделува во текот на 12 месеци.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, истакна дека оваа мерка е дел од пошироките напори за поддршка на најзагрозените граѓани и обезбедување енергетска сигурност за секое домаќинство.
„Нашата цел е да обезбедиме финансиска помош за оние кои имаат најголема потреба. Оваа субвенција ќе им помогне на ранливите категории граѓани полесно да ги покријат трошоците за електрична енергија и да имаат посигурен пристап до основните енергетски ресурси“, изјави Божиновска.
Рокот за аплицирање е 30 дена од денот на објавата, а сите заинтересирани можат да поднесат барање преку официјалната веб-страница на министерството или да добијат дополнителни информации на ranlivipotrosuvaci@energy.gov.mk.







