Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 60-годишен маж осомничен за тешка кражба што ја извршил на Клиниката за радиотерапија и онкологија.
Според обвинителството, осомничениот искористил невнимание на пациент од велешко, кој чекал терапија, и му протнал рака во џебот – одземајќи му 300 евра и 28.000 денари во готовина.
Кражбата била пријавена веднаш штом пациентот забележал дека му недостигаат парите. Сторителот бил идентификуван преку снимки од безбедносните камери поставени во болницата.
Обвинителството го посочува фактот дека осомничениот е рецидивист и веќе бил осудуван за слични дела, како и дрскоста на постапката – извршена во медицинска установа полна со тешко болни лица, меѓу кои и оштетениот, кои чекале животоспасувачка терапија.
Јавниот обвинител веќе побарал од судијата на претходна постапка да му биде определена мерка притвор.







