На локалниот пат помеѓу селата Зелениково и Страхојадица, на 24 јули 2025 година во 17:40 часот, се случила тешка сообраќајна несреќа во која учествувале патничко возило „Сеат“ и четирицикл.
Како што информира СВР Скопје, со „Сеатот“, со скопски регистарски ознаки, управувал М.Т. (56) од село Дејковец, додека четирициклот го управувал С.М. (28) од село Страхојадица, општина Зелениково. Во моментот на несреќата, на четирициклот се наоѓало и две ипол годишно дете како сопатник.
Од судирот, и возачот на четирициклот и малото дете се здобиле со тешки телесни повреди. Повредените биле итно пренесени во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ – Скопје, каде што им е укажана лекарска помош.
На местото на настанот увид извршила екипа од СВР Скопје, а причините за несреќата се предмет на понатамошна истрага.







