Украинските сили извршија серија ноќни напади врз руски воени цели
Украинските одбранбени сили извршија ноќни воздушни и ракетни напади врз повеќе руски воени цели, вклучително и аеродроми, складишта за гориво и други стратешки објекти на територијата на Русија, соопшти Генералштабот на вооружените сили на Украина.
Во официјалниот извештај објавен на нивната Фејсбук страница, се наведува дека станува збор за „превентивен напад изведен во пресрет на очекувано масовно гранатирање од страна на противникот“, пренесе агенцијата Униан.
Нападнати аеродроми и складишта за гориво
Мета на нападите биле клучни воени инфраструктури во Саратовската и Рјазањската област, вклучително аеродромот Енгелс – база за стратешки бомбардери, како и аеродромот Ѓагиљево, кој служи за воздушни танкери и ловци за придружба. Аеродромот „Енгелс“ бил нападнат по специјална операција спроведена од украинската Служба за безбедност (СБУ), се додава во извештајот.
Во Рјазањската област, според украинскиот Генералштаб, е активирана руската противвоздушна одбрана, а забележан бил и голем пожар во погодената зона.
Покрај аеродромите, нападнати биле и повеќе складишта за гориво во Саратовската област, при што избил голем пожар, кој руските противпожарни служби не успеале да го локализираат. Од теренот се забележани густ чад и експлозии.
Напад и врз логистички пункт во Курск
Украинските сили извршиле и напад врз логистички пункт на 30. моторизиран полк од 72. дивизија на руската армија во Курската област. Според украинскиот Генералштаб, во овие операции учествувале единици на вооружените сили во координација со Главната управа за разузнавање при Министерството за одбрана.
Украина најави дека ќе продолжи со напади врз руската воена инфраструктура со цел „намалување на способноста на агресорот да извршува масовни ракетни напади“.
Во извештајот се потсетува и дека на 1 јуни СБУ спроведе специјална операција наречена „Пајажина“, при што беа нападнати четири аеродроми на кои се распоредени авиони од руската стратешка авијација.
Последици од руските напади врз Киев
Во меѓувреме, украинските власти соопштија дека во најновите руски напади врз Киев најмалку четири лица загинале, додека дваесет се повредени. Нападот предизвикал и значителна материјална штета на енергетската и железничката инфраструктура. Според медиумски извештаи, во нападите биле користени беспилотни летала од типот „Орешник“.







