Едно лице е повредено попладнево во центарот на Куманово, откако врз него било пукано од возило во движење.
Според информациите од МВР, повредениот е З.Ш. (43) од село Слупчане, општина Липково, кој веднаш е пренесен во кумановската болница за укажување лекарска помош.
– Денеска во 13:54 часот во СВР Куманово е пријавено дека на крстосницата од ул. „Димитрије Туцовиќ“ со ул. „11 Октомври“ две лица во движење од огнено оружје пукале кон патничко возило „Фолксваген Голф“, управувано од З.Ш., кој се здобил со повреди и бил пренесен во болницата за помош, се наведува во соопштението од МВР.
Полициски екипи се на терен и вршат увид, а заради безбедност улицата „11 Октомври“ е блокирана. Во близина на местото на инцидентот се наоѓаат важни институции, меѓу кои судот, полицијата и поштенската служба.






