Американскиот претседател Доналд Трамп, изјави дека кинескиот претседател Си Џинпинг е „многу строг“ и дека е „исклучително тешко да се постигне договор со него“.
„Го сакам кинескиот претседател Си, секогаш сум го сакал и секогаш ќе го почитувам, но тој е многу строг и преговарањето со него е исклучително тешко“, напиша Трамп на својата социјална мрежа „Truth Social“, пренесе агенцијата Ројтерс.
Портпаролката на Белата куќа, Керолајн Ливит, во понеделникот соопшти дека Трамп треба да оствари разговор со Си Џинпинг во текот на неделава.
Изјавата на Трамп доаѓа во чувствителен момент за американско-кинеските односи, откако Американскиот трговски суд минатата недела пресуди дека тој ги надминал своите овластувања при воведувањето на најголемиот дел од царините на увозот од Кина и други земји, повикувајќи се на Законот за вонредни овластувања.
Но, помалку од 24 часа подоцна, федералниот Апелационен суд ја суспендираше таа пресуда и повторно ги активираше царините, наведувајќи дека ќе ја разгледа жалбата поднесена од американската влада.






