Најмалку 10 загинати во израелски напад врз училиште во Кан Јунис
Најмалку десет Палестинци загинаа денеска во израелски воздушен напад врз училиште во градот Кан Јунис, во Појасот Газа, соопштија локалните здравствени власти.
Според информациите, мета на нападот било училиште во кое биле сместени раселени палестински семејства. Меѓу загинатите, како што јавуваат палестинските здравствени служби, има и деца, пренесе агенцијата Ројтерс.
Очевидци изјавиле дека израелската армија ги интензивирала воздушните напади, како и гранатирањето со тенкови во одредени делови од Кан Јунис.
Нападите следеа еден ден по фрлањето на предупредувачки летоци од страна на израелската војска, во кои се повикуваше населението да ги напушти своите домови и да се упати кон западниот дел на енклавата. Во летоците се наведуваше дека ќе бидат спроведени акции против Хамас и други вооружени групи во тие подрачја.







