Премиерот на Монголија, Лувсанамсреин Ојун-Ердене, кој негира какво било кривично дело, го загуби гласањето за недоверба во парламентот, но остана на функцијата, објави Би-Би-Си. На денешното тајно гласање, 44 пратеници гласаа за недоверба, додека 38 беа против, што не беше доволно за негово отстранување, бидејќи му беа потребни најмалку 64 гласа.
Гласањето следеше по контроверзии предизвикани од фотографии кои станаа вирални на социјалните мрежи и ги прикажуваат синот на премиерот и неговата свршеница како се фалат со скапи чанти од брендот Диор и други луксузни предмети. Демонстранти излегоа на улиците барајќи негова оставка, а антикорупциските власти во Монголија започнаа истрага за финансиската состојба на семејството на Ојун-Ердене.
Премиерот ги отфрли обвинувањата за корупција како дел од кампања за клевета, нагласувајќи дека му било чест да ја води земјата во тешки времиња, вклучувајќи пандемии и регионални конфликти. Сепак, според индексот на Транспаренси Интернешнл, корупцијата во земјата се влошила откако тој дојде на власт.
Монголија, земја која се наоѓа помеѓу Русија и Кина, се наоѓа во процес на транзиција кон демократија, но корупцијата останува сериозен предизвик. Во последните години, земјата се обидува да зајакне врски со Западот како дел од својата надворешнополитичка стратегија.
Овој политички пресврт го одразува нестабилниот политички амбиент во Монголија и продолжената борба против корупцијата која ја загрозува довербата во институциите.






![Нова украинска акција: Кримскиот мост оштетен со 1.100 килограми подводен експлозив [ВИДЕО]](https://bulevar.com.mk/wp-content/uploads/2025/06/screenshot-2025-06-03-141345.png)
