Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски најави формирање на Координативно тело за реализација на Договорот со Велика Британија за инфраструктурни проекти, што треба да биде оформено на почетокот од следната недела. Во интервју за „Топ Тема“, Николоски посочи дека Министерството за финансии ќе почне постапка за обезбедување средства и ќе се бара најповолната опција за финансирање на проектите.
Првиот капитален проект што треба да биде подготвен до наредниот вторник е брзата пруга од Табановце до Гевгелија. Министерството за финансии ќе бара финансиска поддршка од меѓународни финансиски институции, а најповолната понуда ќе биде избрана по транспарентна и конкурентна постапка.
Николоски нагласи дека изборот на изведувач ќе се врши според Законот за јавни набавки, со јасни критериуми и конкурентен дијалог, за да се избегнат проблеми од типот на претходни инфраструктурни проекти. Тој посочи дека ова ќе биде прв политички договор во регионот со Велика Британија, кој ќе овозможи најповолни услови за финансирање.
Во проектот, до 20% од работата ќе ја изведуваат компании од Велика Британија, а до 30% од материјалите ќе бидат британско производство. Работниците нема да бидат ограничени и сите што ќе работат може да бидат од Македонија, за разлика од претходни проекти каде имаше ограничувања за бројот на домашни работници.
За финансиските услови, Николоски истакна дека ќе се бара целосна транспарентност и единствен трошок за кредитот, без скриени провизии, со најдолга можно рочност, грејс период и најповолна каматна стапка.
Овој инфраструктурен проект и договорот со Велика Британија, според Николоски, ќе бидат значаен чекор напред за развојот на транспортната мрежа и економијата во земјата.






