Вечерва пред платото на салата „Расадник“ во општина Кисела Вода се одржува второто издание на Skopje Street Food Festival, настан кој ги зближува љубителите на уличната храна и ги носи уникатните светски вкусови во срцето на главниот град.

Фестивалот, посветен на уличната храна и посебно на мајсторските бургери, нуди можност за забавa, дружење и гастрономско уживање, при што локалните гости имаат прилика да се запознаат со најновите трендови од светската Street Food сцена.

„Уличните фестивали се препознатливи во сите големи метрополи, а сега и Скопје се впишува на оваа мапа. Овој фестивал ја промовира нашата култура и ни помага да ја спознаеме и културата на другите народи низ светот“, изјави Орце Ѓорѓиевски, градоначалник на општина Кисела Вода.

Настанот ќе трае и утре, а сите љубители на вкусната храна се поканети да уживаат во богатата понуда и одличната атмосфера.






