Три млади лица загинаа на 31 мај на патот Мостар – Чапљина, а во знак на почит кон жртвите денеска во Мостар е прогласен Ден на жалост. Марко Шљивиќ (28), кој е поврзан со предизвикувањето на несреќата, е приведен.
Градоначалникот Марио Кордиќ најави дека Градот ќе направи сè што е во негова моќ за да им помогне и им олесни на семејствата во овие тешки моменти.
Според информации од Граничната полиција Малјевац, загинати се Алмин Црналиќ (22), Далила Жугор (20) и Енис Куртовиќ (22), сите од Мостар и припадници на Оружените сили на Босна и Херцеговина.
Несреќата се случила кога автомобилот „Ауди А3“, во кој биле загинатите, се враќал кон Мостар, пишува „Вечерњи лист“.
Во сообраќајката учествувале три возила, меѓу кои и „Цитроен“ комби управуван од Д.Ш. Возачот на другиот „Ауди“, Марко Шљивиќ (28), е приведен и се сомничи за предизвикување на сообраќајната несреќа.
Според извештаите на Радио Сараево, Шљивиќ непосредно пред несреќата бил пријавен за неправилно возење, а се претпоставува дека неговото возило било причина за сударот во кој загинаа три лица од другиот автомобил.
Како што неофицијално дознава порталот Hercegovina.info, по несреќата кај Шљивиќ е утврдена концентрација на алкохол во крвта од околу 1,64 промили.
Марко Шљивиќ е син на Пава Шљивиќ, влијателен член на Хрватската демократска заедница (ХДЗ) БиХ и поранешен шеф на кабинетот на некогашниот претседател на Федерацијата БиХ, Маринко Чавара.






