Велика Британија ја зајакнува својата нуклеарна флота како дел од новиот одбранбен план, со цел да се подготви за современите воени предизвици и да се спротивстави на растечката закана од Русија.
Премиерот Кир Стармер, заедно со други европски лидери, интензивно работи на обновување на британските воени капацитети, поради стравувањата од ескалација со Русија. Ова следува откако американскиот претседател Доналд Трамп го повика европскиот континент да преземе поголема одговорност за сопствената безбедност.
„Стратешкиот одбранбен преглед“ предвидува премин на британските вооружени сили во состојба на „борбена готовност“, со цел да се запре долгорочното намалување на воениот капацитет по завршувањето на Студената војна.
„Дојде време да го трансформираме нашиот пристап кон одбраната“, изјави Стармер при посетата на бродоградилиштето Гован на компанијата BAE Systems во Шкотска, додавајќи дека ќе запре „празнењето на нашите вооружени сили“.
„Кога сме соочени со директни закани од држави со напредни воени сили, најдобриот начин да ги одвратиме е да бидеме подготвени“, потенцираше тој.
И покрај намалувањето на буџетот за одбрана во последните години, Велика Британија останува една од водечките воени сили во Европа, со армија која го штити источниот дел на НАТО и морнарица која ја одржува својата присутност во Индо-Пацификот.
Сепак, со 70.860 професионални војници, британската армија е најмалата од времето на Наполеон, а Владата смета дека е неопходно нејзино обновување во екот на зголемените стратешки закани.
Откако беше избран во јули минатата година, Стармер веќе намали дел од буџетот за социјална помош за да го зголеми издвојувањето за одбрана на 2,5% од бруто домашниот производ (БДП) до 2027 година, од сегашни 2,3%, со долгорочна цел од три проценти.
Премиерот го претставува зголемувањето на одбранбените трошоци како можност за создавање работни места и економски развој, при тоа балансирајќи со тешката состојба на јавните финансии, бавниот економски раст и падот на популарноста меѓу гласачите.
Авторите на планот, меѓу кои поранешниот генерален секретар на НАТО, Џорџ Робертсон, и поранешната советничка во Белата куќа за Русија, Фиона Хил, наведуваат дека зголемената финансиска поддршка им овозможила да создадат децениски воен план.
Од 62 препораки што Владата ќе ги прифати, Велика Британија ќе изгради најмалку шест нови фабрики за муниција, ќе набави до 7.000 парчиња оружје со долг дострел од британско производство и ќе развие нови комуникациски системи за бојното поле.
Во рамките на модернизацијата, Велика Британија ќе развие до 12 нови нуклеарно-енергетски подморници од следната генерација, опремени со конвенционално оружје.
Првпат е дефинирана и цената за замена на нуклеарните боеви глави на посебната флота подморници, со проценет трошок од 15 милијарди фунти (околу 17,8 милијарди евра) пред следните избори во 2029 година.
„Со новите, наjсовремени подморници што ќе патролираат по меѓународните води и нашиот сопствен програм за нуклеарни боеви глави, ја правиме Британија безбедна дома и силна на меѓународната сцена“, изјави министерот за одбрана Џон Хили.
Овој обемен план за зајакнувањето на одбранбените капацитети ја поставува Велика Британија во позиција на поголема воена спремност и влијание во услови на зголемени геополитички тензии.






