Откако стана сосема извесно дека Кристијано Роналдо нема да настапи за Ал Наср на претстојното Светско клупско првенство (СКП), сè погласни се шпекулациите дека неговата авантура во Саудиска Арабија е завршена.
Во фудбалскиот свет сега главно прашање е – каде ќе продолжи легендарниот Португалец? Според информации од неколку извори, вклучително и сигнали од ФИФА која наводно има интерес да го види Роналдо на СКП, се разгледуваат опции тој да се приклучи на клуб што ќе учествува на турнирот во САД ова лето.
Најновата и најсензационална шпекулација доаѓа од Аргентина: Бока Јуниорс, еден од најтрофејните и најобожавани клубови од Латинска Америка, сериозно размислува да испрати понуда до Роналдо. Веста предизвика вистински медиумски бум и отвори дискусија дали ова сценарио е навистина возможно.
Паралелно со ова, медиумите го „преселуваат“ Роналдо и во Мексико, со идеја да настапува на СКП заедно со својот поранешен соиграч Серхио Рамос. Исто така, се споменуваат и можни камбек опции во англиската Премиер лига.
Сега сите очи се вперени во самиот Роналдо. Од него зависи дали ќе се одлучи за последен спектакуларен потег во кариерата – и можеби нова историска приказна на американско тло.






