Министерството за финансии денеска или најдоцна до крајот на утрешниот ден ќе испрати писма до банките со повик да достават понуди за финансирање на проектот за брза железница од Коридорот 10. Ова го соопшти министерката за финансии Гордана Димитриоска Кочоска, која посочи дека крајниот рок за поднесување на понудите сè уште не е прецизиран.
На новинарско прашање поврзано со тоа дали воопшто постои проект врз основа на кој може да се бараат средства, Димитриоска Кочоска рече дека таа располага со „некакви информации“, но ги упати медиумите да се обратат во Министерството за транспорт за конкретни детали.
„Во каква форма и што значи да се има проект е нешто што мислам дека треба да го прашате Министерството за транспорт. Вие велите немаме проект, но јас имам некакви информации. Ве молам прашајте во Министерството за транспорт, јас не сум министерот што го прави проектот“, рече таа.
Министерката појасни дека Владата добила Информација во која имало вклучени податоци, врз основа на што Министерството за финансии е задолжено да ја продолжи постапката за прибирање на понуди.
„Имаше премногу шпекулации периодов и мислам дека треба од Министерството точно да ви одговорат да или не – какви податоци има, зашто штом Информација дошла на Влада, значи внатре ставиле податоци“, додаде Димитриоска Кочоска.







