И по евентуалниот крај на војната во Украина, стабилноста во Европа може да биде краткотрајна. Русија би можела многу брзо повторно да се најде на патот на нов голем воен конфликт, предупредува началникот на холандската воена и разузнавачка служба, вицеадмирал Петер Ресинк.
Во интервју за Politico, Ресинк открива дека Москва е на добар пат да ги обнови своите вооружени сили, а западните разузнавачки агенции внимателно го следат процесот на зајакнување на руската армија, која, според проценките, претставува најсериозна безбедносна закана за Европа.
„Русија произведува значително повеќе артилериско оружје одошто ѝ е неопходно за тековниот конфликт во Украина – и тоа со поддршка од други држави“, истакна Ресинк.
Распоредување сили на истокот на НАТО
Според него, Русија не само што ги обновува своите залихи, туку веќе разместува нови единици кон источните граници на НАТО, особено во насока на балтичките држави и Финска.
„Тоа е за нас јасен сигнал дека Русија гради капацитети за нова војна“, рече Ресинк, предупредувајќи дека Москва би можела да ја поврати својата полна борбена подготвеност во рок од само една година по евентуалниот крај на украинскиот конфликт.
Холандија и останатите членки на НАТО, како што вели, веќе ја зголемуваат својата борбена подготвеност за да бидат подготвени доколку ова сценарио стане реалност.
Рекордни воени трошоци
Од почетокот на инвазијата врз Украина во февруари 2022 година, Русија постојано ја зголемува својата воена потрошувачка. Според податоците на Стокхолмскиот меѓународен институт за мировни истражувања (SIPRI), Русија во 2023 година издвојувала дури 149 милијарди долари за одбрана – зголемување од 38% во однос на претходната година.
Овие бројки се речиси двојно повисоки од воените трошоци во 2015 година и претставуваат 19% од вкупниот државен буџет, односно 7,1% од БДП.
Нови предупредувања од Европа
Предупредувањето на Ресинк доаѓа неколку месеци по слична проценка на данската разузнавачка служба, според која Русија би можела да започне нов голем конфликт во следните пет години, особено ако процени дека НАТО е ослабен или политички поделен.
Во нивниот извештај се наведува дека Москва би можела да ја искористи секоја криза во Алијансата, особено ако верува дека САД нема да интервенираат во одбрана на Европа.
Загриженост и за односите со САД
Дополнителна загриженост, според вицеадмиралот Ресинк, предизвикува и актуелната политичка состојба во САД. Тој го посочува влијанието на претседателот Доналд Трамп врз американските разузнавачки служби како потенцијална закана за стабилноста на соработката меѓу САД и Европа.
„Можеби ќе мораме одново да ја преиспитаме нашата соработка со американските безбедносни агенции“, вели Ресинк, додавајќи дека се разгледува обемот и интензитетот на размената на информации со Вашингтон.
Европските земји, како што посочуваат експертите, се наоѓаат пред предизвик да изградат посамостоен безбедносен механизам, во време кога довербата во трансатлантската соработка не е повеќе безусловна.






