Рускиот претседател Владимир Путин направи „големи отстапки“ на средбата со американскиот колега Доналд Трамп на 15 август во Алјаска, изјави американскиот потпретседател Џеј Ди Венс. Тој истакна дека Русија, за прв пат од почетокот на конфликтот пред три и пол години, покажала флексибилност во врска со некои од своите основни барања, без да наведе конкретни детали.
И самиот Трамп по состанокот оцени дека постои „голем напредок со Русија“, иако не прецизираше што точно е договорено. Венс додаде дека продолжувањето на војната не е во интерес ниту на Европа, ниту на САД, ниту на Русија и Украина.
Специјалниот претставник на американскиот претседател, Стив Виткоф, уште на 17 август спомена дека Москва е подготвена да направи „територијални отстапки“ во пет украински региони кои ги окупирала. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров потврди дека Русија покажала флексибилност по голем број точки предложени од Трамп, но не откри детали за конкретните договори.







