Американскиот претседател Доналд Трамп денеска треба да објави дека САД ќе склучат трговски договор со Обединетото Кралство, јавува „Њујорк Тајмс“, повикувајќи се на три извори запознаени со плановите.
По објавувањето на веста, британската фунта забележа раст од 0,4 отсто во однос на американскиот долар, објави „Скај Њуз“.
Трамп претходно најави дека во текот на денот ќе објави значаен трговски договор од Овалната соба, но не откри за која земја станува збор. Во објава на неговата платформа Truth Social, тој наведе дека прес-конференцијата ќе се одржи со претставници на „голема и многу респектабилна земја“, без да прецизира повеќе детали. Договорот, според него, е „прв од многу“ што следуваат.
Портпаролот на Белата куќа одби да го коментира извештајот на „Њујорк Тајмс“.
Во изминатите недели, високи претставници на администрацијата на Трамп одржаа низа состаноци со трговски партнери, откако на 2 април претседателот прогласи „Ден на ослободувањето“ и воведе нови царини – како за геополитичките ривали, така и за традиционалните сојузници на САД.
Трамп воведе 10% царина за повеќето земји, вклучувајќи ја и Велика Британија, како и повисоки „реципрочни“ царини за некои трговски партнери, иако тие беа суспендирани за период од 90 дена.
Обединетото Кралство не беше директно опфатено со реципрочните царини бидејќи увезува повеќе стоки од САД отколку што извезува таму. Сепак, британските производи, како возила, челик и алуминиум, сè уште се соочуваат со тарифи до 25%.
Британски владин претставник изјави во вторникот дека е постигнат значителен напредок во преговорите и дека договорот најверојатно ќе вклучува намалување на царините за челик и автомобили. Истовремено, Трамп најави дека администрацијата разгледува нови трговски договори со други земји и ќе донесе одлуки во наредните две недели.
Минатата недела Трамп изјави дека има потенцијални трговски договори и со Индија, Јужна Кореја и Јапонија.






