Атанас Кирјаков-Војводата, претседател на Градскиот комитет на Обединетата македонска организација „Илинден“ од Благоевград, индиректно се надоврза на дебатата во Македонија за промена на државниот грб.
„Кога ќе дојде тој ден да си ја вратиме културната автономија во Пиринска Македонија насилно одземена од Владата на Тодор Живков, за наши симболи на автономијата ќе си ставиме – за наше знаме 16-кракото жолтозлатно македонско сонце на црвена основа и за наш грб црвениот македонски лав на жолтозлатна основа аплициран на олтарот од црквата во Рилскиот манастир“, порача на Фејсбук еден од основачите на ОМО „Илинден“ во 1990 година, која бугарската држава одбива да ја регистрира и покрај пресудите од Судот за човекови права во Стразбур.






