Во организација на Центарот за подобрување на квалитетот на животот на лицата со интелектуална попреченост и нивните семејства „ПОРАКА НОВА“, денеска во Општина Битола се одржа панел дискусија на тема „Од различна перспектива: Предизвиците со кои се соочуваат родителите на децата со попреченост во новата ера“.

Настанот имаше за цел да ја зголеми свесноста за предизвиците на кои се соочуваат семејствата на деца со аутистичен спектар на нарушување и да ги разгледа потребите за системска поддршка, како и влијанието на новите технологии.
Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, во својот говор истакна дека Општината активно работи на поддршка на лицата со попреченост преку Програмата за социјална заштита, нагласувајќи дека се вложуваат напори за инклузивност и олеснување на нивното секојдневие.

„Во рамките на нашите надлежности, се обврзуваме да обезбедиме поддршка за сите кои се соочуваат со попреченост, како и да работиме на подобрување на нивната социјална инклузија“, рече Коњановски.
Во дискусијата учествуваше и проф. д-р. Владимир Трајковски, еден од водечките експерти за аутизам во Македонија, кој ги презентираше најновите научни истражувања и методи за помош на лицата со аутистичен спектар на нарушување. Присутните имаа можност активно да учествуваат во дебатата и да ги постават прашањата кои ги загрижуваат.






