Белата куќа во четврток му се заблагодари на Илон Маск за неговата служба, откако претприемачот објави дека го прекинува своето учество во администрацијата на претседателот Доналд Трамп, изјави портпаролката на претседателот.
„Му се заблагодаруваме за неговата работа. Му се заблагодаруваме што го започна DOGE (акронимот за неговиот Оддел за владина ефикасност) и напорите за намалување на расипништвото, измамите и злоупотребите ќе продолжат“, изјави портпаролката на Белата куќа, Каролина Ливит за новинарите.
Одби да коментира натаму за заминувањето на милијардерот, кој го критикуваше својот близок сојузник Трамп првпат оваа недела.
Маск потврди во средата дека ја завршува својата мисија за намалување на сојузните трошоци по четири месеци.
„Како што мојот мандат како специјален владин службеник завршува, би сакал да му се заблагодарам на претседателот Доналд Трамп што ми даде можност да ги намалам непотребните трошоци и расипништвото“, напиша претприемачот на својата платформа за социјални медиуми X во среда.
„Мисијата DOGE ќе стане уште посилна во иднина и ќе стане начин на живот во владата“, рече основачот и челник на компаниите „Tesla“, „SpaceX“ и X, меѓу другите.
Членовите на администрацијата на Трамп ќе соработуваат со вработените во DOGE во различни федерални агенции за да ги унапредат постојните напори, објави Белата куќа во четврток.
Министрите „тесно соработуваа со Илон Маск и ќе продолжат да соработуваат со вработените во DOGE кои се приклучија на сите овие агенции“ откако претседателот ги назначи, изјави Ливит за новинарите.






