Додека растат стравувањата за безбедноста на Европа, протечени руски воени документи наводно откриваат 32 потенцијални цели на европскиот континент во случај на нуклеарен конфликт со НАТО, пренесува Express.co.uk повикувајќи се на Financial Times.
Рускиот претседател Владимир Путин често го користи нуклеарното оружје како средство за притисок од почетокот на инвазијата врз Украина во 2022 година. Москва во меѓувреме ја зголеми борбената готовност, тестираше нови ракети и распореди тактичко нуклеарно оружје во Белорусија – првпат надвор од своја територија по распадот на СССР.
Меѓу целите што наводно се појавуваат во документите се три локации во Велика Британија – бродоградилиштето на Кралската морнарица во Бароу-ин-Фернес, индустриски комплекс во близина на Хал (Јоркшир) и објект во Единбург.
Според документите, Северната флота би дејствувала кон воени и индустриски објекти во Велика Британија, Норвешка и Естонија, додека Балтичката флота би ги таргетирала локациите во Германија и Норвешка.
Мапите, составени пред војната во Украина, прикажуваат и цели во Романија, Бугарија и Турција, а надвор од Европа – во Иран, Јапонија и Кина.
И покрај овие информации, Кремљ неодамна изрази подготвеност да го продолжи нуклеарниот договор Нов СТАРТ со САД. Путин изјави дека почитувањето на ограничувањата на вооружувањето е клучно за глобалната стабилност, додека портпаролот Песков оцени дека ставот на Трамп „влева оптимизам“.






