„Сите ние мора да се обединиме околу заедништвото и да ги премостиме сите разлики, несогласувања и различни погледи,“ порача премиерот Христијан Мицкоски од Тетово, каде што се обрати пред граѓаните во рамки на предизборната кампања.

Мицкоски нагласи дека овие избори се клучен момент за иднината на државата и повика на единство и разбирање меѓу сите граѓани. „Овие избори се моментот од кој зависат генерации потоа – момент да покажеме дека Македонија може само ако сме заедно,“ истакна тој.

Премиерот додаде дека државата не се брани со поделби, туку со срце, чесност и заедничка волја. „Сите ние Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи и Бошњаци живееме под исто небо, дишеме ист воздух и ја делиме истата судбина. Само ако сме заедно, ќе имаме држава што ќе трае и иднина што ќе вреди,“ рече Мицкоски.

Тој повика граѓаните да ја поддржат листата за советници на ВМРО-ДПМНЕ, нагласувајќи дека е време да се изберат луѓе што служат, а не што господарат. „Да избереме иднина, а не минато. Да избереме надеж, а не страв. Со твојот човек, за твоето место, за твојата иднина,“ порача Мицкоски.

„Ние сме таа генерација што нема да се повлече, и идните поколенија ќе речат – тие беа тие што веруваа, тие беа тие што победија,“ додаде премиерот на Република Македонија.







