Синоќа на грчкиот остров Крф се случи вистинска воздушна драма, кога на „Боинг 757-300“ на германската авиокомпанија „Кондор ервејс“ му откажал десниот мотор веднаш по полетувањето кон Дизелдорф. Во авионот имало 273 патници и осум членови на екипажот.
Инцидентот се случил на височина од околу 450 метри, додека авионот се искачувал. Од десниот мотор избувнал оган, што било забележано и од жителите и туристите на островот, а исто така се слушнал силен звук сличен на експлозија. На социјалните мрежи беа објавени фотографии и видеа со пламенот.
Сите протоколи за итна состојба на аеродромот во Крф биле активирани, но пилотите одлучиле да продолжат со летот користејќи го само левиот мотор и да се пренасочат кон италијанскиот град Бриндизи. Германската телевизија RTL пренесува дека поради дефектот немало можност да се продолжи кон првичната дестинација – Дизелдорф.
Авионот слета безбедно во Бриндизи, без повредени меѓу патниците и екипажот. Патниците биле сместени во хотел додека се организира замена и продолжување на патувањето.







