Во Мадрид денеска дојде до делумно уривање на зграда која била во фаза на реновирање, при што според шпанските медиуми, три лица се повредени, а петмина се водат како исчезнати.
Шпанскиот државен радиодифузер ТВЕ јави дека пожарникарите интензивно пребаруваат низ урнатините во потрага по исчезнатите, додека службите за итни случаи сè уште не ги потврдиле бројките за повредени и исчезнати.
Од противпожарната служба соопштија дека „неколку ката“ од зградата се урнале, а полициски екипи веднаш ја обезбедиле областа.
На видео објавено на социјалната мрежа X од службите за итни интервенции се гледа фасадата на зградата покриена со церада, која вообичаено се користи при санација на стари објекти.
Причините за уривањето засега не се познати, а спасувачките екипи продолжуваат со потрагата по преживеани под остатоците од зградата.







