Рускиот претседател Владимир Путин изјави во Сочи, на политичкиот клуб „Валдај“, дека го поддржува блискоисточниот мировен план на американскиот претседател Доналд Трамп, нагласувајќи дека дводржавното решение меѓу Израел и Палестина останува клучен елемент за мирот во регионот.
„Иако не е познат како ангел чувар на мирот, поранешниот британски премиер Тони Блер, кој е именуван во меѓународното тело за надзор на Газа, е искусен политичар,“ изјави Путин.
Тој додаде дека е значајно тоа што и Израел, и Палестинската самоуправа, како и Хамас, се согласиле со предложеното решение.
Мировниот план на Трамп, претставен во Вашингтон, содржи 20 точки, меѓу кои и прекин на огнот во Појасот Газа, целосно разоружување на Хамас и ослободување на сите израелски заложници во замена за стотици палестински затвореници. Планот предвидува и повлекување на израелската војска од Газа, додека управувањето со оваа територија ќе биде доверено на преодна влада од палестински технократи под надзор на меѓународни стабилизациски сили.
Покрај Русија, поддршка за планот изразија и Германија, Франција, Велика Британија, како и неколку арапски држави меѓу кои Катар, Египет, Јордан, Обединетите Арапски Емирати и Саудиска Арабија.







