Путин: Западот се обидува да организира обоена револуција во Србија
Руските разузнавачки служби потврдиле дека западните земји се обидуваат да иницираат обоена револуција во Србија, изјави рускиот претседател Владимир Путин на состанокот на Дискусиониот клуб „Валдај“ во Сочи, пренесува Танјуг.
„Се согласувам со претседателот на Србија, Александар Вучиќ. Нашите служби потврдуваат дека некои западни центри се обидуваат да организираат таква обоена револуција, и тоа во Србија. Тие што ги туркаат младите на улица сакаат српскиот народ повторно да страда“, рече Путин.
Тој предупреди дека ваквите процеси секогаш најлесно се насочуваат кон младите, кои, според него, не се целосно свесни за историската позадина и можните последици од нелегитимните обиди за промена на власта. „Обоената револуција е нелегално, неуставно преземање на власта и никогаш не носи добро. Секогаш е подобро решенијата да се бараат во рамките на законот и Уставот“, нагласи Путин.
Рускиот претседател истакна дека младите во Србија, и покрај протестите, се патриоти и треба да се води дијалог со нив. „Не смеат да заборават на страдањата низ кои српскиот народ поминал во Првата и Втората светска војна. Тие што ги туркаат на улица сакаат тоа страдање да продолжи“, рече тој.
Осврнувајќи се на Украина, Путин повтори дека Русија не војува против самата Украина, туку против целиот НАТО-сојуз. Според него, Русија располага со сопствено оружје, додека на украинската страна се присутни западна техника и инструктори од земјите членки на НАТО кои „директно учествуваат во борбите“. Тој изрази увереност дека „режимот во Киев на крајот ќе мора да седне на преговарачка маса“.
Говорејќи за Блискиот Исток, Путин порача дека Москва е подготвена да го поддржи мировниот план на американскиот претседател Доналд Трамп за Газа, доколку навистина доведе до создавање палестинска држава. Според него, ситуацијата во оваа енклава е „навистина катастрофална“.
За Европската Унија, рускиот лидер оцени дека интеграцијата на почетокот имала економски карактер, но денес, и покрај силата на Унијата, таа покажува знаци на опаѓање „поради губење на заедничките вредности под влијание на миграциските текови“.






