Попова Шапка утрово најстудена: –4 степени и 26 сантиметри снег
Утрово најниската температура во земјава е измерена на Попова Шапка – минус 4 степени, каде што има и најмногу снег, 26 сантиметри, информира УХМР.
Висината на снежната покривка изнесува 16 сантиметри во Лазарополе, 12 во Маврови Анови, шест во Ѓуриште и три сантиметри во Дебар. До 8:30 часот температурите биле: –2 во Маврови Анови и Лазарополе, 0 во Крушево, 1 во Тетово, 2 во Крива Паланка, Прилеп, Виница и Штип, 3 во Скопје (Петровец и Зајчев Рид), Куманово, Велес, Битола, Претор, Кавадарци и Берово, 4 во Демир Капија и Струмица и 5 во Гевгелија.
Најмногу врнежи во изминатите 24 часа се регистрирани во Струмица – 52 литри на метар квадратен, следат Гевгелија со 51, Демир Капија со 50, Скопје-Петровец со 47, Тетово со 46 и Радовиш со 45 литри. Значајни количини дожд имало и во Пожаране (40), Виница (37), Ѓуриште (35), Крива Паланка и Маврови Анови (по 34), Попова Шапка (33), Штип (32), Велес (31), Тополчани (30), Скопје-Зајчев Рид и Битола (28), Прилеп (25), Крушево и Берово (23), Претор и Куманово (22) и Лазарополе (18).
Според УХМР, денеска времето ќе биде променливо облачно и студено со повремени врнежи од дожд, а на повисоките места со мешани врнежи од дожд и снег. На планините ќе има периодичен снег, а ќе дува умерен до засилен северен ветер. Максималната температура ќе се движи од 3 до 11 степени.
Во Скопје се очекува облачно и студено време со повремени врнежи од дожд, а на повисоките делови од котлината и со мешани врнежи. Ќе дува засилен северен ветер, а дневната температура ќе достигне до 7 степени.






