Разузнавачка служба предупредува: Можно е саботажа против данската армија
Постојат сериозни ризици од саботажа насочена кон данските вооружени сили, изјави денеска директорот на Воената разузнавачка служба на Данска, Томас Ахренкил, пренесе Танјуг.
Според проценките на службата, Русија моментално води хибридна војна против Данска и против целиот Запад, изјави Ахренкил за „Ројтерс“.
„Тоа значи дека Русија користи воени методи, вклучително и агресивни, за да врши притисок врз нас, но без да ја премине границата на отворен вооружен судир“, рече тој.
Иако состојбата предизвикува загриженост, данскиот министер за одбрана Троелс Лунд Поулсен изјави дека во моментов не постои директна воена закана за Данска.
Минатата недела беше забележан нов бран инциденти со дронови над воени бази и аеродроми, поради што привремено беа затворени шест воени и цивилни аеродроми во земјата. Премиерката Мете Фредериксен тоа го нарече „хибриден напад врз Данска“.







