Индексите Dow Jones и S&P 500 на њујоршката берза повторно достигнаа историски височини, поттикнати од растот на технолошките акции и очекувањата дека Федералните резерви ќе продолжат со намалување на каматните стапки.
Dow Jones порасна за 0,17% и достигна 46.519 поени, S&P 500 за 0,06% на 6.715 поени, додека Nasdaq забележа најголем скок – 0,39% до 22.844 поени, благодарение на акциите на Nvidia и Apple.
И покрај рекордните резултати, тргувањето беше претпазливо поради делумното затворање на федералните институции, предизвикано од политичките несогласувања во Конгресот околу финансирањето на владата. Експертите предупредуваат дека блокадата би можела да трае подолго од вообичаено.
Дополнителен поттик на пазарите даваат прогнозите дека ФЕД ќе намали каматни стапки уште двапати до крајот на годината.
Раст беше забележан и на европските пазари: DAX порасна за 1,28%, CAC 40 за 1,13%, а индексот STOXX 600 се искачи за 0,6% и достигна нов рекорд. Единствено лондонскиот FTSE 100 забележа пад од 0,20%.







