Аеродромот во Минхен беше затворен речиси седум часа ноќеска поради забележани летови на дронови над неговата околина и пистите. Инцидентот предизвика откажување на 17 полетувања и пренасочување на 15 пристигнати летови кон Штутгарт, Нирнберг, Франкфурт и Виена, при што беа погодени околу 3.000 патници.
Затворањето започна по 22 часот во четвртокот, а аеродромот повторно беше отворен во 5 часот наутро, кога сообраќајот беше оценет како безбеден. Првиот авион што слета беше „Луфтханза“ од Бангкок.
Компанијата „Луфтханза“ соопшти дека 19 нејзини летови се откажани или пренасочени, вклучувајќи и три на долги релации кон Азија. На патниците им беа обезбедени храна, пијалаци и кревети за привремено сместување во терминалите.
Овој инцидент следи по слични случаи со дронови во Данска, каде властите воведоа забрана за цивилни летови на беспилотни летала поради Самитот на европски лидери во Копенхаген. На состанокот, лидерите ќе дискутираат за безбедноста на европското небо, вклучувајќи иницијатива за создавање „ѕид од дронови“ како заштитна мрежа против вакви закани.






