Утрово на електронските адреси на бројни основни и средни училишта, како и градинки во Србија, пристигнаа дојави за поставени бомби. На удар беа Белград, Нови Сад, Чачак, Пријепоље и уште неколку градови.
Полицијата веднаш реагираше и сите ученици и деца беа евакуирани. Според информации од српските медиуми, во Јужнобачката област сите училишта добиле иста заканувачка е-пошта.
Во Чачак, дојави стигнале до основните училишта во Пријевор, Прељина, Слатина, Мрчаевци, како и во училиштата „Милица Павловиќ“, „Филип Филиповиќ“ и специјалното училиште „1 Ноември“. Родителите изразија загриженост, иако многумина претпоставуваат дека, како и во претходни случаи, станува збор за лажни аларми.
Најмалку седум училишта во Нови Сад и две во Нови Пазар добиле идентични пораки, а полициските екипи се на терен и вршат проверки.
Дојави имало и во градинка во белградската населба Врачар, каде децата исто така биле изнесени на безбедно.
Сите досегашни проверки покажале дека станува збор за лажни дојави, но полицијата останува во состојба на готовност.






