Бугарското Министерство за транспорт отпушти двајца инспектори од Извршната агенција „Автомобилска администрација“ откако побарале и примиле мито од возачи на камиони кои транспортирале опрема за концертот на британската ѕвезда Роби Вилијамс во Софија.
Министерот за транспорт Гроздан Караџов соопшти дека инспекторите, кои работеле во системот повеќе од една деценија, веднаш биле отстранети од работните места и ставени под дисциплинска постапка. Тој ја нагласи посветеноста на институциите за искоренување на корупцијата и дека соработката со полицијата и обвинителството била целосна.
Инцидентот се случил на 25 септември, кога инспекторите побарале вкупно 400 лева и 300 евра од четворица возачи со британски регистарски таблички. Парите биле поделени така што двајца возачи платиле по 200 лева, а еден бил принуден да предаде 300 евра.
По интервенција на организаторите на концертот и Британската амбасада, инспекторите биле уапсени и обвинети за поткуп. Според заменик-градската обвинителка Десислава Петрова, акцијата била спроведена во тајност за да се спречат обиди за прикривање докази.
Министерот Караџов ги осуди постапките како дел од „наследена култура на корупција“ и вети дека вакви практики нема да се толерираат.
Од друга страна, синдикатот на агенцијата, предводен од Александар Иванов, се закани со штрајк и побара оставка на целиот менаџмент. Тие предупредуваат дека корупцијата не завршува со отпуштените инспектори и дека проблемот лежи во повисоките ешалони на институцијата.







