На североистокот на Кина, во градот Чанчун, провинција Џилин, оваа недела се случи несекојдневна несреќа кога два летачки автомобили (eVTOL) се судрија за време на проба за аеромитинг. Еден пилот доби полесни повреди, а едно возило падна и се запали.
Драматичните сцени беа снимени и прикажуваат густ чад кој се подига од местото на несреќата, додека пожарникари и брза помош брзо интервенираа. Летачките автомобили ги разви компанијата Xpeng Aeroht, подружница на кинескиот производител на електрични возила Xpeng.
Компанијата соопшти дека причина за судирот било „недоволно растојание“ меѓу возилата, кои изведувале акробатски маневри во блиска формација. Едно возило претрпело сериозни оштетувања и се запалило при слетување, но целиот персонал е безбеден.
Несреќата ја потенцира амбицијата на Кина за развој на „економија на мали висини“ – сектор што вклучува летачки такси, дрон-достава и други примени на висини до 3.000 метри. Минатата година овој сектор беше вклучен како нов мотор на економски раст во официјалниот извештај на кинеската влада. Интересот се проширува и надвор од Кина – српскиот претседател Александар Вучиќ најави дека тестирања на летачки автомобили ќе започнат и во Србија следната година.






