Ердоган жестоко го осуди Израел: „Разбојништво во Сирија под изговор за заштита на Друзите“
Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, остро ги осуди најновите израелски воени акции на територијата на Сирија, обвинувајќи ја израелската држава дека ја злоупотребува заедницата на Друзите како изговор за проширување на своето воено присуство во земја разурната од војна.
„Израел, користејќи ги Друзите како оправдување, последниве два дена го шири своето разбојништво врз соседна Сирија. Тоа е држава без закон, без принципи, арогантна и терористичка“, изјави Ердоган во четвртокот.
Турскиот претседател категорично порача дека Анкара нема да дозволи поделба на Сирија, ниту поткопување на нејзиниот мултикултурен карактер и територијален интегритет – особено откако, како што рече, израелските дејствија претставуваат директен обид за саботажа на договорениот прекин на огнот.
По седницата на турскиот владин кабинет, Ердоган нагласи дека постапките на Израел јасно покажуваат дека таа држава нема искрена намера да постигне мир.
„Ниту вчера се согласивме со распарчување на Сирија, ниту денес, ниту ќе се согласиме утре. Стабилна Сирија значи стабилност и за сите нејзини соседи. Во спротивно, последиците ќе ги сносиме сите. Тие што се обидуваат да изградат сигурна иднина преку угнетување и масакри треба да знаат дека се само минувачи – ние сме домаќини и вистински припадници на оваа земја. Сите случувања во Сирија ги следиме со најголемо внимание и сме во постојана комуникација со нашите партнери“, подвлече турскиот лидер.
Ердоган ја потврди позицијата на Турција дека останува цврсто посветена на зачувувањето на територијалниот интегритет, националното единство, унитарниот државен систем и мултикултурниот идентитет на Сирија.
„Турција, преку својата чесна надворешна политика, мировни иницијативи и дипломатска посветеност, стои на страната на мирот. Немаме зла намера кон никого, не се водиме од завист или непријателство. Не ги нарушуваме ничии права, ниту го доведуваме во прашање ничиј суверенитет – сакаме само мир“, заклучи Ердоган.






