Пет активни пожари на отворен простор горат на неколку локации низ државата, но досега нема закана по населените места – информираа на денешната прес-конференција директорот на ЦУК, Мухамед Аљи, и директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов.
Горaт шумски предели кај селото Николич (општина Дојран), село Крушје (општина Велес), помеѓу Црешево, Локвица, Карпа и Слатина (Македонски Брод), како и кај селото Раштак (Гази Баба) и општина Сарај.
Во гаснењето се вклучени двата Ер трактори на Дирекцијата за заштита и спасување, 30 припадници на Армијата кај Велес, како и локалните противпожарни единици. Дополнително, во Дојран интервенира доброволното противпожарно друштво, а во Македонски Брод – екипи од ЈП Македонија пат.
– Повеќето пожари се на тешко пристапен терен, со деградирана нискостеблеста шума и трње. Дел од шумата кај село Крапа е со поквалитетна структура, па таму штетата е поголема – изјави Ангелов, додавајќи дека сепак еколошката штета засега е помала од ланската.
Пожарот кај село Николич се шири кон Валандово, но според ДЗС, до крајот на денот ќе биде ставен под контрола. Таму дејствуваат и пожарникари од Валандово, Гевгелија и Струмица, како и екипи на „Национални шуми“.
Надлежните апелираат за внимателност и дисциплина на граѓаните, особено во услови на високи температури и сува вегетација.







