Големи поплави го зафатија Њујорк, откако силни бури и обилни врнежи предизвикаа хаос низ најголемиот американски град. Поради сериозниот ризик од дополнителни поплави, властите во соседниот Њу Џерси прогласија вонредна состојба.
Националната метеоролошка служба издаде предупредување за поплави во сите пет општини на Њујорк, повикувајќи ги граѓаните да избегнуваат подруми и ниски подрачја. Социјалните мрежи се преплавени со видеа од поплавени метро-станици, автомобили заглавени во вода и улици претворени во реки.
Гувернерот на Њу Џерси, Фил Марфи, упати апел до граѓаните да останат дома:
„Поради обилни врнежи и ризик од поплави, советуваме максимална претпазливост.“
Бурата доведе и до хаос во воздушниот сообраќај – најмалку шест аеродроми на Источниот брег, меѓу кои JFK и Newark, добија наредба да ги приземјат летовите. Слична е состојбата и на аеродромите во Филаделфија, Балтимор и Вашингтон.
Според метеоролозите, на одредени локации во Њујорк наврнале и до 75 милиметри дожд за само неколку часа.
„Бев во автомобилот кога се случи поплавата. Половина кола ми беше под вода. За среќа, луѓето во близина ми помогнаа да излезам,“ изјави Џесика Гаиди, една од сведоците на невремето.
Метеоролошките служби предупредуваат дека нов бран дождови може да го погоди регионот уште во текот на денот, заедно со екстремно високи температури и влага. Властите апелираат до населението да биде крајно внимателно и да ги следи официјалните известувања.






