До четврток останува рокот за пријавување на огласот за ангажирање на 400 невработени лица за помош при гаснење пожари, потсети денес директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов.
Станува збор за владина мерка чија цел е намалување на ризикот од пожари, преку формирање на нова структура од теренски обучен кадар, кој ќе биде ангажиран за извршување јавни работи како создавање противпожарни појаси и други активности од оваа област.
„Ги повикувам сите заинтересирани да се пријават во локалните центри за вработување. Потребна е само потврда од матичен лекар дека се здрави – други документи не се бараат“, изјави Ангелов.
Избраните кандидати ќе добиваат месечен надомест од 24.000 денари, а најдобрите ќе имаат можност за професионално вработување како пожарникари во територијалните единици. Дополнително, дел од нив, особено оние од Скопје и околината, ќе може да станат дел од новата специјална единица за заштита и спасување.
Со оваа мерка Владата се обидува да одговори на хроничниот недостаток од пожарникари – во моментов во земјава работат околу 800, а потребата е најмалку 1500.






