Европската комисија: ЕУ мора да создаде стратешки залихи за нова пандемија, воена инвазија или природна катастрофа
Европската комисија повика на формирање стратешки резерви од храна, лекови, генератори и суровини, со цел Европската унија да биде подобро подготвена за можни идни кризи како воена инвазија, пандемија или природна катастрофа, пренесе The Guardian.
Претставувајќи ја првата стратегија за создавање залихи, Комисијата нагласи дека земјите членки треба да разгледаат и обезбедување итни резерви од средства за прочистување вода, опрема за поправка на подморски кабли, беспилотни летала и преносливи мостови – капацитети од клучно значење во услови на воен конфликт.
„Свесни сме за заканите што ни се надвиснати: хибридни напади, прекини во снабдувањето со електрична енергија, екстремни временски услови и ширење на болести. Тоа повеќе не се далечни сценарија. Затоа, подготвеноста ја преместуваме од маргините во првите редови на нашата одбрана,“ изјави еврокомесарката за управување со кризи, Хаџа Лахбиб.
Според стратегијата, ЕУ ќе формира редовно ажурирани листи на критични производи, приспособени на различни типови кризи. До наредната година се предвидува основање центар за критични суровини кој ќе врши заедничка набавка во име на заинтересираните компании, а можно е и да управува со залихите. Дополнително, ќе се изработи листа на лекови и медицинска опрема што ќе имаат приоритет во складирањето и набавката.
Преку Европската инвестициска банка, буџетот за поддршка на мали претпријатија и стартапи кои развиваат иновативни лекови и технологии ќе биде зголемен на 200 милиони евра до 2027 година – двојно повеќе од досегашниот.
Во рамки на подготвеноста за идни епидемии, ЕУ развива и систем за надзор на отпадните води, кој ќе служи како „радар за рано предупредување“ и ќе овозможи откривање на зарази пред појавата на симптоми.
Унијата веќе располага со флота од противпожарни авиони и хеликоптери, медицински евакуациски летала, теренски болници и медицинска опрема. Со оглед на засилените пожари на европскиот континент, Комисијата најави потреба од дополнителни воздушни средства за заштита на најризичните региони.
Потсетувајќи на искуствата од пандемијата на коронавирус, кога земјите членки панично набавуваа маски и заштитна опрема за сопствени потреби, што доведе до сериозни недостатоци, Европската комисија претходно годинава препорача граѓаните на ЕУ да имаат залихи од храна, вода и основни намирници за преживување во период од најмалку 72 часа – во случај на воена агресија, природна катастрофа, голема индустриска несреќа или прекин на струја.






