Силен земјотрес од 7,3 степени го погоди преминот Дрејк, евакуација во Чиле поради ризик од цунами
Силен земјотрес со јачина од 7,3 степени според Рихтеровата скала денеска го погоди преминот Дрејк – стратешки важен морски премин меѓу Јужна Америка и Антарктикот. Според податоците на Германскиот центар за геонауки (GFZ), епицентарот бил лоциран на длабочина од само 10 километри, што дополнително го зголемува потенцијалот за силно влијание.
На социјалните мрежи се појавија видеа од Аргентина, каде што граѓани панично излегуваат на улиците додека се слушаат сирените за тревога.
Преминот Дрејк претставува важна водена врска меѓу Атлантскиот и Тихиот Океан, кој го разделува најјужниот дел од Јужна Америка (ртот Хорн) од Јужните Шетландски Острови во Антарктикот.
Властите во Чиле објавија дека ќе започне итна евакуација на крајбрежните области во регионот Магалјанес, поради зголемен ризик од појава на цунами.







