Според последниот извештај на Центарот за управување со кризи за состојбата со пожарите на отворен простор во периодот од 9 до 10 јули до 07:00 часот, регистрирани се вкупно 63 пожари низ територијата на државата. Од нив, девет се и натаму активни, четири се ставени под контрола, еден е локализиран, додека 49 се целосно изгаснати.
Активни пожари се евидентирани на следните локации: Чучер Сандево – Блаце, Шуто Оризари – Визбегово, Прилеп – с. Бешиште, како и на неколку точки во Македонски Брод (Црешнево, Рамне, Слатина и Ковче). Исто така, активни пожари се забележани кај Чашка, под Солунска Глава, и во село Николич кај Дојран.
Под контрола се пожари во Делчево (депонијата Острец), Виница – село Драгобраште, Крива Паланка – села Градец и Лозаково, како и во село Ларце, општина Желино. Единствениот пожар кој е целосно локализиран се наоѓа во Кочани, во месноста Бабиште, помеѓу селата Јастребник и Полаки.
Од вкупниот број на пожари, дури 49 се изгаснати, најголем дел од нив во Скопскиот, Пелагонискиот и Вардарскиот регион. Меѓу поголемите интервенции се издвојуваат оние во Гази Баба (Смилковско Езеро), Куманово, Прилеп, Велес, како и во неколку општини во Источна, Југоисточна и Полошка Македонија.
Центарот за управување со кризи посочува дека извештајот е составен врз основа на податоци од регионалните центри, со напомена дека за Скопскиот регион се доставени информации само за ноќниот период од 20:00 до 07:00 часот.






