Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, го обвини Судскиот совет за противзаконско и несоодветно работење, по информациите дека на затворен колегиум одржан на 25 ноември 2024 година, бил усвоен заклучок за продолжување на мандатот на претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева.
Според Милошоски, заклучокот, донесен со 9 гласа „за“, е целосно спротивен на член 8 став (5) од Законот за Судски совет, кој јасно утврдува дека мандатот на претседателот трае две години без право на повторен избор. Дамева, која беше избрана на функцијата на 5 декември 2022 година, според законот, би требало да го заврши својот мандат на 5 декември 2024 година.
Милошоски истакна дека Судскиот совет сега се обидува да го продолжи нејзиниот мандат за дополнителни осум месеци, како „компензација“ за периодот кога Дамева била неделовнички разрешена во април 2023 година. Тој потсети дека Управниот суд во декември 2023 ја поништил таа одлука, што значи дека истата нема правно дејство, а аргументот за „компензација“ е неоснован.
„Судскиот совет, наместо да биде извор на право и високи судски стандарди, стана создавач на неправо и симбол на политички клиентелизам. Со ваквите одлуки, Дамева и нејзината коалиција во Советот успеваат само во едно – да ја намалат и онака ниската доверба од 2% до уште пониско ниво,“ изјави Милошоски.
Дополнително, тој истакна дека записникот од затворениот состанок не им е достапен на членовите кои гласале против, што ја продлабочува нетранспарентноста на работата на оваа институција.
Милошоски повика на итно почитување на законските норми и отчетност во работата на Судскиот совет, со цел враќање на довербата во правосудниот систем, кој според него, сè повеќе се оддалечува од европските стандарди.






