Иран ден пред нападот испратил предупредување до Трамп: „Очекувај одмазда на ваша територија“
Само еден ден пред американските напади врз иранските нуклеарни постројки, Техеран му испратил јасна порака на американскиот претседател Доналд Трамп – доколку биде нападнат, Иран ќе активира тајни ќелии на територијата на САД, пренесува NBC News, повикувајќи се на двајца високи американски функционери и лице запознаено со содржината на заканата.
Според извештаите, пораката била пренесена преку посредници за време на Самитот на Г7 во Канада, кој Трамп го напушти предвреме. Белата куќа и американските безбедносни служби веднаш преминале во состојба на висока подготвеност, имајќи го предвид зголемениот ризик од евентуални напади на домашно тло.
Официјални предупредувања и проценки
Американското Министерство за внатрешна безбедност издаде официјално соопштение во кое се наведува дека „ескалацијата на судирот со Иран може да доведе до зголемени безбедносни закани во рамки на САД“.
Дополнително, се нагласува можноста за терористички напади, особено доколку иранското духовно и политичко раководство издаде верска фатва со повик на насилна одмазда насочена кон цели во САД.
Исто така, се наведува дека Иран може да активира сајбер напади врз американските инфраструктурни мрежи или да го насочи своето дејствување кон поединечни американски функционери, во рамки на поширок одговор.






