Иран и Израел разменуваат удари: Ескалација со ракети и воздушни напади
Рано утринава избувна нов бран насилства меѓу Иран и Израел, откако двете страни разменија ракетни и воздушни напади. Во Израел беа активирани сирените за воздушен напад, особено во Тел Авив и на подрачјето на Западниот Брег, додека низ централниот дел на земјата одекнуваа експлозии.
Израелската армија соопшти дека биле пресретнати повеќе ирански ракети и оти нема регистрирани директни погодоци врз стратешки објекти или клучни инфраструктурни цели.
Во исто време, израелските сили изведоа воздушни напади врз цели на територијата на Иран, погодени биле складишта за оружје и ракетни бази. Според локални извори, во Тел Авив ракета предизвикала пожар и материјална штета на една станбена зграда.
Овие инциденти следат по вчерашната изјава на иранските власти, кои нагласија дека нема да влезат во нови преговори за нуклеарната програма доколку продолжат притисоците и заканите од странство.
Тензиите меѓу двете земји и натаму растат, а меѓународната заедница со загриженост ги следи последните случувања.







