Меѓународната агенција за атомска енергија со драматично предупредување: Зголемено зрачење во постројката Натанз
Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) предупреди на сериозна опасност од радијација и хемиска контаминација во рамки на нуклеарниот објект Натанз во Иран, иако надворешните нивоа на зрачење остануваат во рамки на нормалата. Ова го изјави генералниот директор на агенцијата, Рафаел Гроси, пред Советот за безбедност на ОН.
„Во објектот во Натанз има радиолошка и хемиска контаминација. Можно е изотопи на ураниум да се распространети низ целиот комплекс“, истакна Гроси.
Според него, најголем ризик претставуваат алфа-честичките, кои се особено опасни при вдишување или голтање, но можат ефикасно да се контролираат со соодветна заштитна опрема.
Дополнително, Гроси предупреди дека најсериозната опасност во рамките на постројката е хемиската токсичност. Објектот во Натанз беше цел на напад од Израел пред неколку дена, што ја зголеми загриженоста во меѓународната заедница.
Потенцијални последици од напад на Бушер
Гроси исто така изрази силна загриженост во врска со можните напади на други нуклеарни објекти во Иран, особено на нуклеарната електрана Бушер, лоцирана на брегот на Персискиот Залив, каде се складирани илјадници килограми нуклеарен материјал.
„Сакам јасно и недвосмислено да нагласам – напад на нуклеарната централа Бушер би предизвикал масовно испуштање на радиоактивност во околината“, рече Гроси.
Тој предупреди и дека уништување на двете главни линии за напојување со електрична енергија може да доведе до топење на реакторот, со што би се зголемиле шансите за катастрофални последици по животната средина и јавното здравје.
МААЕ повика на воздржаност и нагласи дека зачувувањето на безбедноста на нуклеарните објекти мора да остане глобален приоритет.






