Американскиот претседател Доналд Трамп ја разгледува можноста САД да се приклучат на Израел во нападите врз иранските нуклеарни објекти, вклучувајќи го и комплексот во Фордо, пренесуваат американски медиуми повикувајќи се на повеќе извори запознаени со ситуацијата.
Трамп неодамна одржа состанок во Белата куќа со тимот за национална безбедност, посветен на конфликтот меѓу Израел и Иран, кој траеше речиси 90 минути.
Најблиските советници на Трамп се поделени околу оваа можност, која според експертите би ја „промениле целосно“ динамиката на конфликтот.
Иранскиот центар за збогатување ураниум во Фордо се наоѓа длабоко под земја, а само САД располагаат со бомба способна да го уништи, наведува Би-Би-Си.
Дара Кондит, професорка по политички науки на Универзитетот во Мелбурн, оцени дека вклучувањето на САД во конфликтот меѓу Израел и Иран претставува „застрашувачка идеја“.
„Вклучувањето на САД целосно би го променило начинот на кој Иран ја води војната и би ја отстранило секоја можност за попуштање од страна на Иран,“ истакна таа, додавајќи дека тоа би го натерало Иран да ги нападне американските интереси на Блискиот Исток.
Израелскиот експерт за надворешна политика, професор Амнон Аран, наведува дека наглото затегнување на реториката од страна на Трамп сугерира дека тој сериозно ја разгледува можноста за приклучување на израелската офанзива.






