Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ја повтори поддршката за промена на режимот во Иран, истакнувајќи дека војната во регионот може да помогне во нормализирањето на односите меѓу Израел и арапските земји.
Во интервју за Канал 14, Нетанјаху го спореди историскиот контекст на промени во Иран со ослободувањето на Евреите од персискиот цар Кир. Тој изјави дека Израел може да придонесе за ослободување на Персијците, но дека тоа зависи и од нивната сопствена волја.
Премиерот додаде дека „80 проценти од Иранците ја мразат својата влада“, без да ги наведе изворите за ова тврдење. Нетанјаху го нарече врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, „современ Хитлер“ и откри дека Израел планира воена операција насочена кон уништување на голем број ирански цели.
Тој верува дека оваа војна ќе биде пресвртница во Блискиот Исток и најави „нова реалност“ во регионот, истакнувајќи дека заканата од Иран е клучна и дека исходот ќе ја отвори вратата за поголема соработка меѓу Израел и арапските земји.
„Или ние или тие“, порача Нетанјаху, потенцирајќи ја сериозноста на моментот.






